Унгарски медими: Контроверзната апликација за азил на Груевски во процедура

822

Пребегувањето на поранешнот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија и побараниот азил и денеска се една од топ темите во унгарските медиуми.

Главните дилеми кои ги поставуваат се како Груевски влегол во Унгарија, дали се испочитувани законските процедури, кој му помага во Будимпешта и какви ќе бидат последиците за Владата на Виктор Орбан, со кого, како што наведуваат унгарските медиуми, Груевски имал блиски пријателски врски.

„24.ху“ пишува дека Груевски најверојатно влегол во Унгарија со возило од Србија, најверојатно со помош на српските власти. Тоа секако било и со знаење на унгарските погранични служби, бидејќи малку е веројатно дека некој од рангот на Груевски би можел незабележано да ја мине границата на која и од двете страни се распоредени силни погранични полициски сили. Малку е веројатно и дека Груевски дошол во Унгарија без претходно знаење на унгарските власти, наведува „24.ху“.

Нема информации каде е тој во моментов. Се знае дека дошол во Будимпешта во петокот и преспал во хотел со пет ѕвездички. Канцеларијата на Орбан  ги демантираше информациите дека тој се сретнал со поранешниот македонски премиер во неговата вила во Будимпешта.