Условна казна за возачот кој лани усмрти 2 момчиња и тешко повреди 3 девојки: „Мојот син е двапати убиен – еднаш од несовесен возач и еднаш од судијата“

1028

„На обвинетиот му се изрекува условна осуда со која му се утврдува казна затвор во траење од 2 години и истовремено се определува дека утврдената казна нема да се изврши доколку за време од 4 години од правосилност на пресудата не стори ново кривично дело“.

Вака гласи пресудата која ја изрече судијата Бојан Мартиноски од Основниот суд во Охрид на 24-годишниот Антонио Ангелоски од охридското село Лескоец, обвинет за сообраќајната несреќа која се случи на 16-ти август минатата година, час и половина по полноќ на регионалниот пат Охрид – Св.Наум.

Во несреќата животите ги загубија 2 млади момчиња, а 3 девојки претрпеа тешки телесни повреди со сериозни последици.

Во пресудата пишува дека обвинетиот Ангелоски со својот автомобил Голф, престигнувајќи друго возило Фолксваген со брзина од 106 км/ч. каде е дозволено 60, удрил во Цитроен Ц3 со кој управувал Иван Корач на местото каде регионалниот пат се вкрстува со спореден пат од комплексот Инекс.

По ударот, Цитроенот се забил во билбордот од десната страна на патот, а Голфот во оградата од левата страна.

Животот на 27-годишниот битолчанец Иван Корач згасна во болница, 6 часа по несреќата. Младото момче не успеа да се избори со тешките повреди на глaвата, кога од силниот удар настапило крвавење и нагмечување на мозокот. Милан кој се наоѓал на совозачкото седиште во Цитроенот, им подлегна на речиси истите повреди како и Иван, еден месец подоцна.

Родителите на двете млади момчиња велат дека тагата и болката се преголеми, но силно боли и неправдата.

„Мојот син е по вторпат убиен, еднаш убиен од несовесниот возач, вторпат убиен од судијата. Ова е доказ дека овде нема правда и дека правдата секој треба да си ја земе во свои раце“, вели Владимир Корач, татко на починатиот Иван Корач.

„Преголем шок, не можев да верувам дека во оваа држава толку се евтини човечките животи. Со ваква пресуда нашето судство кажува дека секој може што сака да прави, условно ќе одговара, што значи нема да одговара“, вели Љубиша Стојановски, татко на настраданиот Милан.

Трите девојки, Сташа, Исидора и Деспина, кои седеле на задното седиште во Цитроенот, ја преживеаја несреќата, но со тешки телесни повреди. Трагедијата која се случи минатото лето е тема на овонеделната емисија на „КОД“ во која тешко повредените девојки и роднините на загинатите момчиња раскажуваат како го преживеале судскиот процес и несреќата.

Сташа Божиновска, една од преживеаните во несреќатаДенеска на Фејсбук се огласи и една од девојките, Сташа Божиновска, која ја опишала трагедијата, последиците од истата како и огорченоста од судската одлука.

„Бојан Мартиноски не изневери. Судијата од основниот СУД во Охрид! Детето од колата знам дека нема да спие мирно можеби никогаш повеќе. А ти, Бојан? Каква ти е совеста? Ни ги уби по втор пат другарите, и заедно со нив нивните фамилии и нас“, пишува, помеѓу другото, Божиновска.

Во емисијата наречена „Услови и минимални казни за сообраќајќи со смртни последици“ се разгледуваат уште неколку случаи помеѓу кои и оној со Зоран Милески – Кичеец кој пред 5 дена доби 6-месечна затворска казна за несреќата која ја предизвика на 14-ти септември, кога при претекнување на полна линија усмрти човек кај Стража.