Вакво нешто не се памети: Пентагон објави три видеа од НЛО – во позадина се слушаат реакциите на збунетите американски војници

622

Американски Пентагон објави три видеа кои прикажуваат „неидентификувани воздушни феномени“, а кои претходно ги објавила една компанија, пренесува „СиЕнЕн“.

На видеата може да се види како неидентификувани летечки објекти се движат додека се снимаат со инфрацрвените камери. Две од три видеа ги содржат и реакциите на американските војници кои се зачудени од брзото движење на објектите. Може да се слушне дека еден од нив нагаѓа дека станува збор за некакви дронови.

Американската морнарица во септември минатата година ја потврди автентичноста на видеата кои се снимени.

„Ги објавуваме сега за да ги расчистиме заблудите околу тоа дали снимките кои што кружат се автентични или не. После темелната ревизија, Министерството за одбрана одлучи дека службеното објавување на овие видеа кои не се сметаат за тајни, не открива никакви чувствителни системи и не ѝ омета на наредната истрага за влезот на неидентификувани воздушни феномени во воениот воздушен простор“, изјави портпаролката на Пентагон, Су Гоуг.

Еден од американските пилоти кој во 2004-та година го забележал еден од споменатите неидентификувани објекти во 2017-та година за „СиЕнЕн“ изјави дека тој објект се движел на необјаснив начин.

„Како што му се приближив, објектот нагло забрза кон југ и исчезна за помалку од две секунди. Тоа беше многу нагло, како пинг понг топче кое се одбива од ѕид. Како да удри и да замина во друга насока“, изјави пензионираниот пилот во американската воена морнарица, Дејвид Фравор.

Од Пентагон во минатото преку тајна програма ги проучувале снимките на воздушни средби со непознати објекти. Програмата била започната во 2007-ма година, но била завршена пет години подоцна затоа што од Пентагон процениле дека тие пари би можеле да се потрошат на програми со поголем приоритет.

Поранешниот прв човек на програмата, Луис Елизондо во 2017-та година за „СиЕнЕн“ изјави дека верува дека постојат „силни докази дека не сме сами“.