Ван дер Варт открива: Како дете живеев во камп приколка, Ибрахимовиќ рече дека ќе ми ги скрши нозете кога ќе ме види

914

Пензионираниот холандски фудбалер Рафаел Ван дер Варт одлучи да си ја отвори душата и да открие неколку детали од својата кариера.

За почеток, Ван дер Варт раскажа дека како дете живеел во камп приколка, но не поради тоа што неговите родители биле сиромашни, туку поради тоа што сакале авантуристички начин на живот, па тој имал мошне убаво детство.

„Израснав во камп приколка и тоа за мене е најнормален живот. Имав преубаво детство. Луѓето мислат дека таквиот начин на живот е поврзан со сиромаштија, но не е така. Моите родители повеќе не живеат во приколка бидејќи им купив куќа кога го потпишав првиот договор со Ајакс“, изјави Ван дер Варт, па потоа се осврна и на односот со Златан Ибрахимовиќ со кој своевремено играше во Ајакс.

Некогашниот играч за врска на Реал Мадрид и Тотенхем порачува дека со Златан никогаш немал добар однос и дека Швеѓанецот во една прилика му се заканил дека ќе му ги искрши нозете.

„Да, вистина е, еднаш ми рече дека ќе ми ги искрши нозете кога ќе ме види. Но, Златан тоа им го викаше на сите. Вистина е и тоа дека не се сложувавме, но јас повеќе би сакал да бидам во тим со искрени играчи како што е тој, па макар тоа да значи и расправии. Немаше некој посебен момент кога сум имал конфликт со него, но едноставно не се сложувавме“, изјави Холанѓанецот.