ВАРДАР СЕ БОРИ ДА ГИ ЗАДРЖИ КРИСТОПАНС И АТМАН БАРЕМ ЗА ДУЕЛОТ СО МОТОР

720

Средниот бек Павел Атман и десниот бек Даинис Кристопанс, дефинитивно си одат од европскиот првак Вардар, само прашање е дали тоа ќе го сторат пред или по мечот со Мотор Запорожје, в сабота, во Скопје, во Лигата на шампионите?

Рускиот репрезентативец продолжува во Спартак Москва, со кој веќе има договор, а Скопје го напушта не само поради лошата ситуација во клубот и комплетната неизвесност, туку и од приватни причини (неговата сопруга е бремена) и се враќа дома, на сигурно.

Даинис Кристопанс, пак, е пред промоција во Фуксе Берлин, за кој ќе има право да игра само во Бундеслигата и каде ќе остане до крајот на сезонава пред следната година да премине во ПСЖ, кај Раул Гонзалез. Летонскиот џин синоќа имал состанок со извршниот директор на клубот, Давор Стојаноски, од кој не излегол среќен.

Главната борба на Вардар сега е да ги задржи Атман и Кристопанс уште викендов, односно за мечот со Мотор Запорожје за да го завери местото во осминафиналето од Лигата на шампионите, а потоа и двајцата се слободни играчи и може да си заминат.

Секако, многу работи зависат од волјата на играчите, од притисокот кој го прават менаџерите, но и од трансфер правилниците во земјите каде сакаат да продолжат да играат за тоа дали Русинот и Летонецот ќе може да се поздрават од македонската публика пред да си заминат од „црвено-црните“ редови.