Соединетите Американски Држави и официјално ја известија Турција дека е отстранета од програмата за развој на борбените авиони „Ф-35“, извести синоќа турската државна новинска агенција „Анадолија“, повикувајќи се на извори од Пентагон.
Вашингтон начелно ја отстрани Турција од програмата за развој на „стелт“ авионот од петта генерација „Ф-35“ во 2019-та година откако Ердоган одлучи да го набави рускиот против-воздушен систем „С-400“ кој според Американците претставува безбедносна закана по системите на САД и НАТО Алијансата.
Но, турската индустрија продолжи да ги произведува деловите за авионот и покрај тоа што земјата беше отстранета од програмата. Сега, ова се промени откако Вашингтон потпиша нов договор за програмата со останатите осум потписници, открил функционер од Пентагон, пренесува „Анадолија“.
Сега, покрај Соединетите Американски Држави, учесници во развојот на најмодерниот и најмоќен „стелт“ ловец на светот остануваат Велика БРитанија, Италија, Холандија, Канада, Австралија, Норвешка и Данска.
Турција планираше да купи 100 „Ф-35“ борбени авиони, но САД одбија да ги испорачаат и првите четири завршени авиони откако Турција беше исфрлена од програмата. Анкара во меѓувреме работеше на тоа да се врати на програмата, но тоа сепак на турските власти предводени од Реџеп Таип Ердоган не им успеа.
Турската државна одбранбена индустрија “SSTEK” ја ангажирала адвокатската фирма “Arnold & Porter” со седиште во Вашингтон за лобирање со цел Анкара да се врати во програмата, меѓутоа сега станува јасно дека за Турција нема враќање во програмата.