Црвено-жолтите пред да дебитираат на Европското првенство од 11 јуни до 11 јули, во март ќе ги започнат мундијалските квалификации, а прва желба е да добиеме група во која ќе може да се надигруваме, па во најмала рака и да бркаме второ место кое би водело во баражот за пласман на Мундијалот. Во минатиот квалификациски циклус за Евро 2021, кога првпат завршивме едни квалификации како третопласирани, а потоа ја обезбедивме визата за континенталниот шампионат, сега аспирациите растат, па оттаму сите ќе стискаат палци да добиеме – група по мерка.
Според форматот на натпреварување, ќе има десет групи во овие квалификации, пет со по пет селекции и пет со по шест. Четири групи со по пет селекции се загарантирани за учесниците на фајнлфорот во Лигата на нации (Италија, Шпанија, Белгија и Франција), а последниот патник ќе биде во ваква група, селекцијата што прва би била извлечена надвор од оваа четворка. На СП пласман директен ќе обезбедат сите првопласирани селекции, додека второпласираните, заедно со две најдобри од групите во Лига на нации кои нема да бидат на првото или второто место, ќе формираат три костури и преку полуфиналиња и финалиња ќе ги дадат последните три патници на Мундијалот.
Македонија на ждрепката ја очекуваат сериозни селекции, од водечките три барабани, па тешко е да се каже што би било „лесна група“ за нас, но според формата во последниот период, особено овие две години, може да се состави некоја која би била по мерка, но тоа не значи дека црвено-жолтите би биле фаворити и за пласман на СП.
Ако се погледне првиот барабан, практично и да нема лесен противник, сѐ великан до великан и можеби Хрватска би бил најидеален противник од причина што „коцкестите“ се во фаза на подмладување на селекцијата, во изминатиов период не одиграа на ниво, а фактот дека сме им правеле многу проблеми, стилот на игра „типичен југословенски фудбал“ не ставаат во шанса многу повеќе да се надеваме на бодови со нив, одошто да ни падне Германија, Франција, Португалија, Шпанија, Италија, Англија…
Од вториот барабан веројатно Словачка или Романија би ни бил противник по мерка. Романците за разлика од минатото се селекција која е квалитативно далеку од славните денови, а Словачка без оглед што обезбеди пласман преку Лигата на нации, не е селекција од која треба да се стравува, па и резултатите исто така не им се на нивото од минатото. Далеку дека Романија или Словачка би биле лесен залак, ама се далеку подобар избор за нас, одошто да ни паднат Швајцарија, Полска, Шведска, Австрија, Велс, Турција, па и Србија, која има извонреден тим кој посебно би можел да биде мотивиран со нов селектор после неуспехот да одат на ЕП.
Од третиот барабан Грција или Република Ирска би биле идеален избор, кога веќе на „мени“ се доста незгодни селекции како Русија, Унгарија, Чешка, Норвешка, многу напреднатите Финска и Шкотска, доста незгодните С. Ирска и Исланд, кој можеби и би биле посакувани, но се слекции што може да направат многу проблеми. Грција ја посакуваше слекторот Игор Ангеловски за второто издание на Лига на нации, а Република Ирска е селекција која е далеку од реномето од минатото, а и резултатите во последно време им се безмалку мизерни. Во последниот квалификациски циклус имаа три победи од девет меча и дури пет ремија, а во Лигата на нации немаа победа.
Од петтиот барабан, пожелно е Македонија да го избегне Косово, па и Ерменија, Азербејџан (така би добиле уште еден тежок ривал), а во идеална комбинација е да ни се падне Естонија, иако годинава двапати ремизиравме (двапати игравме со комбиниран тим), Летонија (двапати ја победивме лесно во минатите евроквалификации) или Андора
Ако Хрватска не влезе во група со пет, тогаш од шестиот барабан, кој и да се падне треба да е најлесен залак, иако Сан Марино би бил добра опција за голгетерите да набилдаат самодоверба, а патем од „пациентите“ со оваа мала држава на Апенините никогаш и не сме играле.
Групата што ја избравме не е нималку лесна, ама во ситуација кога чекаме ривали од четврти барабан веројатно би била идеална, во која сепак за нешто повеќе ќе мора да се одигра и двојно подобро од тоа што досега го игравме. Квалификациите ќе се играат од март до ноември, со тоа што јуни е загарантиран за ЕП, па во два термини ќе имаме по три, а во два по два меча, ако се најдеме во група со шест селекции.