Сопственик на ресторан кој фатил маж како провалува во неговиот локал на Велигден, по пат на Фејсбук му понудил работа наместо да ја контактира полицијата и да поднесе обвинение.
Сопственикот на ресторанот Карл Валас од Џорџија се разбудил во 4 часот наутро на Велигденска сабота, а тој ден воедно го прославувал и неговиот 45-ти роденден. Кога се разбудил, имал што да види – маж со качулка провалил во неговиот ресторан „Diablo’s Southwest Grill“.
Снимките од надзорните камери прикажуваат маж во тренирки со качулка како со цигла го крши предниот прозорец на ресторанот, пред присилно да ја извади празната каса и да ја земе со себе.
Иако неговата прва реакција била „лутина и фрустрација“, Валас одлучил да постапи поинаку во светло на празникот Велигден.

„Навистина е направена штета, а и моравме да се разбудиме среде ноќ и да го чистиме големиот неред за да отвориме во 11 часот“, рекол тој.
„Гледам дека на ова момче не му е добро, но за него мора да постои нов пат во кој јас ќе му помогнам“, вели Карл.
Тој споделил објава на Фејсбук во која го напишал својот телефонски број, а во неа бара од криминалецот да „дојде на разговор за работа“.
Објавата собрала 4 илјади лајкови, а го привлекла вниманието и на еден сопственик на локална компанија кој тврди дека истото лице провалило и на неговиот посед.
„Можби ова момче никогаш не добило прилика. Можеби секогаш било на дното на животот. Знам дека вашата прва реакција е бес и фрустрација. Сите ние како луѓе мора да си простуваме еден со друг и да се обидеме да пронајдеме подобар начин бидејќи на овој свет има голема омраза, не ги разбираме проблемите и предизвиците на другите во животот“, заклучил великодушниот сопственик на ресторан.