Министерот за здравство Венко Филипче ја посети Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, каде одговори и на новинарски прашања поврзани со делта сојот на коронавирусот.
„Досега се потврдени четири случаи на делта сојот во Македонија, а се чекаат резултати на уште четири граѓани за кои нема информации дали патувале надвор од земјава“, рече министерот во одговор на новинарско прашање.
„Треба да заземеме поорганизиран пристап во однос на делта сојот и ќе разговарам со колегите министри од регионот за да замеме заеднички став. Од заразените со делта сојот тројца се со полесна клиничка слика, а пациентот од Велес е болнички пациент. За четирите нови случаи се чека потврда, но еден од нив е веќе на респиратор“, појасни Филипче.
Филипче вели дека овие лица се невакцинирани, а во текот на денот ќе соопштат дали биле во странство и со кого имале контакти. Само еден од овие лица е со потешка клиничка слика.
Од претходните случаи во државата, двајца се македонски граѓани кои се вратија од Ирак и еден странски државјанин кој веднаш бил ставен во карантин. Филипче најави дека будно ја следат состојбата и за тоа ќе расправаат и на Комисија за заразни болести на која исто така ќе дискутираат и за мерки на границите.