Вечерва во „Само интервју“ гостин беше Венко Филипче, кој се осврна на моменталната ситуација со Ковид-19 во земјава.
„Имаме пациенти кои доаѓаат навреме во болница, ја примаат целата потребна терапија, влошуваат и не може да им се помогне. Има луѓе кои доаѓаат доцна во болница кои, исто како и тие што доаѓаат на време, ја примаат истата терапија и повторно не може да им се помогне. Толку се страшни клиничките слики, има белодробија кои се збришани, значи нема структура белиот дроб повеќе, на сликата сè е бело како да нема белодробно ткиво“, рече Филипче во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
„Сè се темели, и клиничката слика и влошувањето, на згрутчувањето на крвта. Таков е вирусот и тоа ние го видовме. Едноставно целиот научен свет собира сознанија и анализира зошто се толку чести тромбозите на секое ниво: на мозочните артерии, на белодробните артерии … Се губи белодробната функција не заради слабоста на самото белодробие како ткиво туку како резултат на тромбозата на крвните садови што ги хранат белите дробови. Тоа е нешто што се случува за жал и покрај целата терапија што се дава, ја имаме најскапата терапија што се дава насекаде во светот“, рече Филипче додавајќи дека нема генерално правило туку терапијата, која е унифицирана, се дозира согласно состојбата на пациентот односно клиничката слика и коморбидитетитe.