(Видео) Девојчето со Даунов синдром од Гостивар за кое родителите бојкотираа да не учи со нивните деца, повторно вратено помеѓу соучениците

568

Приказната за 11-годишната Ембла, девојчето кое поради Даунов синдром е дискриминирано и родителите на другите деца не сакаат да го прифатат во ОУ „Башкими“ во Гостивар, за кратко време се прошири на социјалните мрежи.

Имено, родителите поднеле петиција за Ембла да не учи во исто одделение со другите деца, туку да биде одвоена поради тоа што, како што наведуваат, била агресивна. Сторијата ја објави ТВ Клан.

„Поради тоа што Ембла пречи за време на наставата и поради тоа што е агресивна, сите родители донесовме одлука да ја бојкотираме наставата“, се вели во петицијата.

За разлика од другите деца, ова девојче кое се соочува со дискриминација училишната година ја започнало еден ден по сите останати деца, бидејќи не ѝ било дозволено да оди на училиште.

Зијадин Нуредини, директор на ОУ „Башкими“ вели дека се договориле со родителите на Ембла таа „да се ротира во три паралелки“ во текот на наставниот процес, но таткото на Ембла, кој за случајот објави на социјалните мрежи, ги негира ваквите тврдења.

„Воопшто не е вистина. Тоа беше компромис пред 3-4 години, за потоа да се интегрира со другите соученици. Учеше во голема сала, а се грееше со мал радијатор. Значи не се помиривме, но во првото полугодие се случи ова и за тоа девојче вчера не започна второто, бидејќи мислев дека ќе продолжи да оди на настава во сала“, додава тој.

Ембла ја посетиле и претставници на Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“, а директорот Адем Идризи вели дека Ембла никогаш не била агресивна.

Шаќири: Ембла е повторно меѓу соучениците

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, утрово на Фејсбук соопшти дека на негово задоволство и на задоволство на нејзиното семејство, Ембла продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници.

Шаќири напиша дека Ембла не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие, затоа што, за жал, како што вели, „во нашето општество сè уште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби“.

„Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка!“, напиша Шаќири на својот Фејсбук профил.