(Видео) Илјадници евакуирани поради пожар во фабрика во Северна Каролина

592

Пожарот во фабриката за вештачко ѓубриво во американската сојузна држава Северна Каролина принуди илјадници луѓе да се евакуираат поради страв од можна голема експлозија.

Речиси 6.500 луѓе се евакуирани од градот Винстон-Салем, како и затвореници од блискиот затвор и студенти од кампусот, откако избувна пожар во фабрика за вештачко ѓубриво, пренесуваат светските медиуми.

Причината за пожарот не е позната, но властите предупредија на зголемена закана, бидејќи во фабриката има меѓу 300 и 600 тони амониум нитрат.

Досега се евакуирани речиси 2.500 домови, како и 220 затвореници од казнено-поправниот дом Форсајт и студентите од кампусот на Универзитетот Вејк Форест.

Универзитетот ја откажа наставата и отвори уште три кампуси за да ги заштити студентите.

Затворениците биле префрлени во поправен дом во Тејлорсвил, додека градот отворил установа на саемот Винстон-Салем, каде што се засолниле евакуираните граѓани.