Не можеше да се помири со елиминацијата на Франција, а веднаш ги најде и виновниците за испаѓањето.
Франција беше прв фаворит за освојување на титулата на Европското првенство, но со само една победа во четири меча, не е чудно што Галските петли беа елиминирани уште во првата фаза од нокаут системот. Франција водеше со 3:1 пред крајот против Швајцарија, но противникот не се предаде и даде два гола во финишот на средбата и стигна до 3:3 и продолженија, а потоа и до пенали.
Во пенал-рулетот, Килијан Мбапе беше единствениот од 10-тмината фудбалери на двата тима што промаши и Франција затоа е елиминирана.
На трибините на стадионот во Букурешт една од оние кои најжестоко реагираа поради поразот, беше мајката на Адријан Рабио. Таа не издржа, а да не почне да се кара со членовите на семејствата на Пол Погба и Килијан Мбапе.
Интересно е што Рабио на теренот се скара со Погба поради киксот на ѕвездата на Манчестер јунајтед, кога ја загуби топката на средината од теренот и потоа Швајцарија погоди за 3:3. Откако Мбапе го промаши пеналот по кој Франција беше елиминирана, мајката на Рабио почна да дофрла кон мајката на Килијан.
„Срамота е играч со негови квалитети да шутне таков пенал. Шутираше премногу споро. Се надевам дека ќе му дадете лекција и затоа што е премногу арогантен“, викала Вероника Рабиот на мајката на Мбапе, а сето тоа го забележале дел од француските новинари кои биле во непосредна близина.