Манчестер Јунајтед со неверојатен пресврт се врати од два гола негатива против Аталанта и победи (3-2) во третото коло на Лигата на шампионите. Атмосферата на „Олд Трафорд“ очекувано беше луда, а фановите беа особено радосни по голот на Кристијано Роналдо за пресврт.
За време на славјето на погодокот, во кадарот во првите редови на стадионот зад Роналдо и соиграчите се најде и еден македонски навивач. Тој со знамето на Вeргина лудо го прослави голот, викаше и навиваше за својот омилен тим, а камерите ја уловија неговата среќа.
Станува збор за скопјанецот Александар Зелениковски, член на фан-клубот на Манчестер Јунајтед во нашата држава, кој едноставно експлодира од радост во моментите кога Португалецот направи целосен пресврт. Неговата френетична радост ја видоа стотици милиони фудбалски фанови ширум светот кои натпреварот го гледаа на телевизиските екрани.
- Прославата на голот на Роналдо на „Олд Трафорд“:
Навивачите на Јунајтед на крајот беа во делириум, а македонскиот фан дефинитивно вечно ќе ја памети вечерта, кога освен победата на неговиот тим, тој се најде на малите екрани ширум светот.