(ВИДЕО) Македонија ја реши Ерменија во Лигата на Нации

1147

Македонската фудбалска репрезентација ја постигна и втората победа во групата 4 од Лигата Д од Лигата на Нациите. Нашите фудбалери вечерва во Скопје пред околу 10.000 гледачи ја совладаа Ерменија со 2:0 (1:0). Стрелци на головите беа: Алиоски од пенал (втор гол на два натпревара по ред) и Пандев (негов вкупно 32.ри гол во репрезентативниот дрес). Македонија е прва во групата со максимални 6 бодови, пред Ерменија со 3.

Стрелецот на голот Алиоски дека е расположен покажа веќе во 3.минута откако од слободен удар од страна сериозно го загрози голот на Ерменија, а голманот Аирапетјан мораше да исфрли во корнер. Гостите првпат се заканија преку нивниот најдобар играч Мхитарјан, но неговиот удар заврши во телото на Ристовски.

Во 12.минута капитенот Пандев беше фаулиран во 16-тникот од Калисир. Сигурен реализатор на пеналот беше Алиоски – 1:0.

Гостите во 22.минута се заканија, но во завршницата од акцијата Мкартјан си даде предолг фор.
Потоа следуваше период од 20-тина минути игра воглавно на средината на теренот. Монотонијата ја разбуди Барди кој по слободниот удар од 30 метри го принуди противничкиот голман да интервенира.

На почетокот на вториот дел Ерменија пропушти да изедначи по грешката на Ристевски, но противникот немаше завршница на акцијата.
Македонија на 2:0 зголеми во 59.минута по прекрасната акција која започна од Барди, кој проигра со Алиоски, во продолжението штотуку влезениот Трајковски асистираше, а Пандев од три метри го совлада противничкиот голман 2:0.

Алиоски се закани и во 65.минута, но ударот одеше по средината на голот.
Ерменија се закани во 71.минута ударот од 18 метри на Газарјан заврши во десниот дирек од голот на Димитриевски.
Македонија пропушти шанса за трет гол во 78.минута преку Спировски неговиот удар заврши покрај дирекот.

Во судиското продолжение на вториот дел Ерменија иамше две шанси, но еднаш одбрани Димитреивски, а еднаш немаа завршница противниците.

Следниот натпревар Македонија го игра на 13.октомври во Скопје против Лихтенштајн.