Поради појава на кратер, односно пропадната дупка на коловозот, сообраќајот на патниот правец Дебар – Маврово, кај селото Долно Косоврасти, делница Дебар – Жировница се одвива наизменично по оспособена девијација.
„Кратерот, односно пропадната дупка ја забележа наша екипа во 2.30 часот. Таа се наоѓа на истото место на онаа која беше на 16 октомври. Истата е со длабочина од над 20 и широчина од 6 метри. Сообраќајот го оспособивме по истата девијација, како и пред два месеца. Работиме на пополнување на кратерот со материјал-песок“, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта.

Лиманоски очекува сообраќајот да се нормализира за неколку часа и препорачува внимателно возење на сите патни правци кои се под надлежност на секцијата, поради појава на помали одрони, прилагодување на брзината според условите на патот, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата.