Најмалку 53 лица, во главно мигранти од Централна Америка, загинале при превртување на камион во јужната мексиканска држава Чијапас. Станува збор за една од најтешките сообраќајни несреќи кои се случиле во земјата во последните години.
Повеќе од 150 луѓе, за кои се наведува дека се мигранти од Централна Америка, биле во приколка на камион, кога истиот се превртел на опасна кривина надвор од градот Тукстла Гутиерез во државата Чијапас и удрил во пешачки мост.
Ова е една од најлошите несреќи од тој вид во Мексико во последните неколку години. Потврдено е дека 49 лица починале на самото место, а уште пет починале во болница, рекол гувернерот на Чијапас, Рутиљо Ескандон.
#BREAKING: 49 migrants dead, 58 injured when cargo truck filled with people rolls over, crashes Into pedestrian bridge in Chiapas, Mexico.
Authorities say most are Central American migrants who were ultimately headed to U.S./Mexico border.
FULL DETAILS: https://t.co/KirVkLpUs3 pic.twitter.com/wbHJXvXGSo
— Preston Phillips 🇺🇸 (@PrestonTVNews) December 10, 2021
Околу 105 луѓе – 83 мажи и 22 жени – исто така биле повредени во несреќата.
На снимките се гледа бела приколка превртена на страна на автопатот, додека лекарите на луѓето кои лежат на земја им укажуваат медицинска помош. Се гледаат и редови од нешто што личи на жртви на несреќата замотани во бели чаршафи.
Службениците на итната помош рекле дека меѓу жртвите има мажи, жени и деца. Нивните националности не се потврдени, но локалните службеници рекле дека повеќето луѓе во камионот биле од Хондурас и Гватемала.
Мигрантите кои бегаат од сиромаштијата и насилствата во Централна Америка обично патуваат преку Мексико за да дојдат до американските граници, а понекогаш тоа го прават во пренатрупани камиони организирани од шверцери.
Чијапас, кој се наоѓа во соседството на Гватемала, е главна транзитна точка за мигрантите без документи.