Полицијата објави видео снимка која очигледно настанала неколку моменти пред снимателката Халина Хачинс да биде усмртена со куршум од реквизит пиштолот од кој пукал Алек Болдвин на снимањето на филмот „Rust“.
Видеото, помеѓу бројните документи кои ги објави канцеларијата на шерифот на Санта Фе во Њу Мексико го направила самата Хачинс на денот на пукањето, во монтирана црква на ранчот „Бонанца Крик“. На снимката се гледа како Болдвин вежба извлекување на пиштолот на сетот, пренесува „New York Post“.
Со Хачинс зад камерите се гледа актерот како седи на клупа облечен во облека типична за Дивиот запад од 1880-те години и вежба извлекување на револверот со кој беше убиена Халина, а ранет режисерот Џоел Соуза.
Снимката нема звук, но се гледа дека Болдвин зборува, а прекинува пред пукањето додека Хачинс ја врти камерата, а актерот продолжува да вежба.
Полицијата претходно изјави дека Алек Болдвин вежбал вперување на пиштолот директно во камерата во моментите пред фаталниот инцидент.
Видеото е само дел од истражните документи кои ги објави канцеларијата на шерифот, а во кои детално се опишува истрагата за фаталната несреќа. Помеѓу другите документи се фотографиите од местото на пукањето, снимките од камерите на телата, фотографии од членови на екипата и други докази.
„New York Post“ наведува дека поради големиот интерес за „Dropbox“ фолдерот со истражни документи, сајтот паднал откако бил широко споделуван во медиумите.
Низа документи се уште се во процес на собирање и не биле вклучени во оваа објава, вклучувајќи балистичка информација од ФБИ, ДНК анализа и отпечатоци од прсти, извештај од медицинскиот истражител и податоци од мобилниот телефон на Болдвин, наведуваат од канцеларијата на шерифот.