(Видео) Украина под напад од Русија: Зеленски им понуди оружје на сите граѓани

824

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ се обрати на нацијата, барајќи национална солидарност за украинската криза.

 

„Имаме силна армија и нашиот народ е силен, сакам да ја изразам мојата поддршка за армијата која е вклучена во борбите. Непријателот претрпе големи загуби, а тие ќе бидат уште потешки. Украина е нападната од воздух, од север и од југ, а националната солидарност е основата на украинската државност. Издаваме оружје на сите кои се способни да го бранат суверенитетот. Секој граѓанин ќе одлучи за иднината на нашата држава. Секој со воено искуство мора да се пријави во центрите за регрутирање. Ве молиме одговорете и дарувајте крв“, порача Зеленски.

Тој додаде дека Советот за безбедност ќе ги укине санкциите против сите кои ќе се вклучат во одбраната на Украина. Додаде дека Украина се брани и нема да се откаже од слободата, без разлика што мисли Москва.

Украина ги прекина дипломатските врски со Русија

Украина официјално ги прекина дипломатските односи со Русија, соопшти претседателот Володимир Зеленски.

Тој побара од јавноста да ги поддржи националните вооружени сили, вклучително и со земање оружје и подготовка за борба.

Зеленски побара од руските граѓани да протестираат против одлуката на нивната влада да ја почне офанзивата.

Претходно, украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека секој кој е подготвен и способен да држи оружје може да се приклучи на редовите на Територијалните одбранбени сили.