Синот на поранешниот претседател на Србија, Марко Милошевиќ, се појави во јавноста првпат по 20 години во Москва на откривањето на споменикот на својот татко во друштво на Александар Залдастанов, познат како Хирург, близок соработник и пријател на рускиот претседател Владимир Путин и водач на нејасната мотогрупа „Ноќни волци“, пишува српски „Курир“.
Во видеото, кое трае нешто помалку од 50 секунди, Залдастанов го најавува Милошевиќ, кој потоа ѝ се обраќа на толпата повторувајќи ги зборовите на татка си, кои се испишани и на споменикот.
ВИДЕО
https://twitter.com/i/status/1668746529723633667
„Како што пишува овде на таблата, ние, за жал, бевме на проба за она што се случи со Русија и што се случува сега во Украина. Југословенските војни се исти, само сега во Украина – забрзана верзија. За жал, ја изгубивме битката, но војната, се надевам, не. Од нашите грешки и од нашата судбина Русите извлекоа лекција и ќе победиме! За победата“, рече Милошевиќ стоејќи пред српското знаме.
Марко Милошевиќ не се појавува во јавноста по бегството во Русија по падот на режимот на татко му. Тогаш тој беше обвинет поради сомнение за учество во организиран криминал. На 10 октомври, два дена по падот на режимот, тој ја напушти Србија и преку Пекинг замина за Москва, каде што доби политички азил.
Оттогаш живее целосно илегално, а информациите за него само повремено стигнуваа во Србија. Беше кажано дека води профитабилен бизнис во Москва и дека повторно се оженил. Во Србија по него во сила е потерницата од Интерпол.
Споменикот на Слободан Милошевиќ, висок два метра, го изработи српскиот скулптор Драган Раденовиќ, член на Руската академија на уметностите.