Виси бараж-финалето на Македонија во ноември? Се бара да се прекине репрезентативниот фудбал

640

Последните четири места за Европското првенство догодина низ Европа ќе се решаваат во четирите бараж-финалиња од плејофот во Лигата на нации на 12 ноември, кога Македонија ќе ѝ гостува на Грузија, ама новата експлозија на ковид-19 сериозно прави проблеми во последниот период и веќе угледни весници од најголемите фудбалски земји, како мегафони на највлијателните клубови, почнаа да бараат – прекин на репрезентативниот фудбал.

Откако европскиот фудбал во моментов трепери после позитивниот случај со Кристијано Роналдо и неговото непочитување на мерките за заштита и карантинот, а Чешка го прекина фудбалското првенство поради нова експлозија на ковид-19 во земјата, угледниот Индепенднт преку својот главен уредник Мигел Дилејни побара да се стави репрезентативниот фудбал во „локдаун“, за да се спаси целиот фудбал од нов прекин.

Според Дилејни, во моментов репрезентативниот фудбал и (пре)честите патувања, носат преголем ризик за ковид-19 да се рашири во фудбалската индустрија и на тој начин да се загрози домашниот фудбал, па „убавата игра“ да влезе во нов прекин.

„Домашниот фудбал може да функционира и веќе е докажано дека може да се игра и во ваква светска криза, ама згуснатиот календар, Лигата на нации, сето тоа е преголем проблем. Нема многу простор за одложувања, но УЕФА мора да го прифати фактот дека тоа форсирање на репрезентативниот фудбал тотално го загрозува функционирањето и на комплетниот фудбал. Зашто ширењето на коронавирусот може да донесе тотален ‘локдаун’. За да се заштити фудбалот, барем тоа малку што се игра како домашните првенства, репрезентативниот фудбал мора да запре на одредено време“, пишува Дилејни.

УЕФА засега цврсто стои на ставот дека никакви одложувања не се возможни, дури и во протоколот за репрезентациите до крајот на годинава, објави дека мечеви ќе се добиваат и со ждрепка, ако не може да се одиграат. Но, сите чекаат да заврши репрезентативниот прозорец денеска и фудбалерите да се вратат во клубовите, а потоа да следат тестирањата и стравивањата се колкумина можно е да се покажат позитивни. Сето тоа, надополнето дека многу земји повторно воведуваат двонеделни карантини за тие што доаѓаат од најризичните земји, каде бројот на новозаразени е исклучително висок, уште повеќе прави проблеми и нема да биде изненадување ако клубовите притиснат УЕФА нешто да преземе, а со тоа да се доведе под знак прашалник ноемврискиот прозорец.

Инаку многумина, ставот на Индепенднт го толкуваат, како прв обид за притисок од Англија која не сака да ризикува после новиот договор за ТВ-права, а било каков прекин на сезоната ќе биде сериозна финансиска штета. Бидејќи денеска во фудбалот сè се врти околу парите, посебно на Островот, обидот да се притисне УЕФА за овој проблем наскоро може да се случи.

Затоа и не чуди ставот на англискиот селектор Герет Саутгејт, за претстојното Евро низ Европа, за кое УЕФА нема решено ни како ќе се игра, иако планот стои во 12 градови низ Стариот континент.

„Нема поента да се игра, ако е ваква ситуацијата“, рече Саутгејт.

Инаку Дилејни, во својот текст во Индепенднт, тврди, дека фудбалери од селекции кои ќе играат баражи после полуфиналињата во четвртокот се шегуваат дека „можеби играле за ништо, зашто ни ЕП нема да се одржи“.

„Тие мечеви за пласман на ЕП, во овој репрезентативен прозорец имаа и некаква смисла, зашто се играше барем за нешто, ама веднаш после тие, веќе меѓу играчите се појави и црн хумор и дилема, дали воопшто ќе има Европско првенство“, додава Дилејни.

Две островски селекции се борат за пласман на ЕП преку овие баражи, па Шкотска треба да гостува во Белград кај Србија во Ц-дивизијата, Северна Ирска е домаќин на Словачка во Б-дивизијата, Македонија гостува кај Грузија во Д-дивизијата, а Унгарија и Исланд во Будимпешта ќе се соочат преку А-дивизијата.