„Витаминка“ почна со извоз во Јапонија

1005

Компанијата „Витаминка“ денеска информира дека го реализирала првиот директен извоз за Јапонија по детално истражување на локалните пазарни специфики, конкуренцијата и прехранбените навики на Јапонците.

Испорачан е „карамел бисквитот“, адаптиран според јапонските стандарди, а од компанијата најавуваат подготовка и на нови артикли за јапонскиот пазар.

– Извезуваме во многу земји, со различни културни и прехранбени навики и различна структура на малопродажната индустрија од аспект на концентрација и формати, но извозот во Јапонија е посебно значаен затоа што овој пазар се издвојува со својот обем, високите квалитативни стандарди и многу различни и специфични нутритивни навики до кои успеавме да ги доближиме нашите производи. Се разбира, продорот што го направивме е резултат, пред се на квалитетот на нашите производи, како и извозната стратегија што ја развиваме континуирано и што дава позитивни резултати, вели Љупчо Велески, директор на Секторот за извоз во „Витаминка“.

Од компанијата соопштуваат дека извозот за Јапонија е поздравен и од Јапонската амбасада во земјава.

Моментално, „Витаминка“ има континуиран извоз во повеќе од 30 земји, а со вклучување на  јапонски пазар, реализацијата на странските пазари го продолжува трендот на зголемување кон најдалечните дестинации.