Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести – угостителските објекти ќе работат до 18 часот

569

Претседателот на Владата Зоран Заев на денешната прес конференција истакна дека Владата донела одлука да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ со цел да се избегне зголемување на бројот на новозаболени од ковид-19.

„Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање предновогодишни и новогодишни забави на отворен и затворен простор, а имаме и јасни препораки до верските заедници, до работните организации, до општините и до рестораните во хотелските објекти“, истакна Заев.

Тој посочи дека Владата донела одлука угостителските објекти да работат до 18 часот.

„Угостителските објекти ќе работат до 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега со одлуките. Целта на оваа мерка е да издржиме сите уште малку пред ваквите рестрикции и да не дозволиме заради празнување да предизвикаме ескалации. Мерката носи име „Празнувај одговорно“ a целта е заштита од ковид-19 во предвечерието на вакцинација“, порача Заев.