Внимавајте: Лажни апликации за следење на коронавирусот всушност го следат секој ваш чекор

742

Стравот од пандемијата на Covid-19, болеста предизвикана од новиот коронавирус, ги наведува луѓето панично да прифаќаат и шират лажни информации, но и да бидат жртви на сајбер напади на кои не би „наседнале“ во обични околности.

Избивањето на пандемијата во голема мера го олесни нарушувањето на приватноста на луѓето, најмногу преку лажни апликации за следење на ширењето на вирусот кои се всушност дизајнирани за следење на секој потег на корисникот и крадење на неговите лични податоци и информации.

Истражувачите од компанијата за заштита на мобилни уреди Lookout открија Android апликација со име „corona live 1.1“ која лажно се прикажува како апликацијата „corona live“за следење на состојбата со коронавируот што ја користи болницата Џонс-Хопкинс и која навистина известува за стапката на зараза, бројот на смртни случаи и стапката на излекувани пациенти со Covid-19 на светско ниво.

Додека корисниците на апликацијата мислат дека се во тек со најновите информации за пандемијата, малверот всушност добива пристап до движењето, фотографиите, видеата, локацијата и камерите на уредот. Пристапот исто така овозможува хакерот да прави фото, видео и аудиозаписи со тој уред, предупредуваат од Lookout.

„Кампањата со овој малвер само покажува дека во време на криза, нашата вродена потреба да бидеме информирани може да биде употребена против нас со злонамерна цел“, стои во соопштението на блогот на Lookout.

Истражувачите ја детектирале и лажната апликација за следење на ширењето на коронавирусот поврзана со Spy Max, евтина комерцијална алатка за надзор која може да се купи онлајн. Оваа алатка се имплементира во апликацијата и може од далечина да ги активира камерите и микрофоните на уредот, да ја чита листата на повици, текстуалните пораки и локацијата на уредот, односно корисникот.

Од компанијата предупредуваат корисниците на паметни уреди да симнуваат и користат само проверени апликации за информирање.

МојВоздух/AirCare и Министерството за здравство изработија апликација за мобилните телефони која ќе ги информира корисниците за најновите информации од Министерството за заштита од коронавирусот.

„Преземи ја најновата верзија од Google Play и App Store, и осигурај се дека во менито ја имаш активирано опцијата за нотификации. Сите новости ќе ги има во делот ‘Вести’“, објасни министерот Венко Филипче на Фејсбук.