На директорката на Клиничката болница во Битола ѝ е наложено да обезбеди адекаватна просторија за починати пациенти или да ја прошири моргата која ќе одговори на потребите, рече директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирина Сотирова Бухова по инспекцискиот надзор што го изврши откако во медиумите беше споделено видео дека во иста просторија во тријажниот центар пациенти примаат инфуција, а до нив се оставени починати лица.
Сотирова Бухова вели дека веќе се поставени и паравани и се задоволени потребните критериуми за почитување на правата за приватност на пациентите, а изречено е решение за санирање на санитарниот јазол што со претходно решение бил забранет за употреба.
ДСЗИ досега иницирал 21 вонреден инспекциски надзори, а во тек се девет.
„Тоа е делот од тријажниот центар каде се лекуваат и примаат терапија пациенти кои се надомашно лекување суспектни на Ковид. Случката е од 22 овој месец во 16.30 часот кога за жал, имајќи го предвид билтенот од претходниот ден, во битолската болница имало вкупно 13 егзитирани пациенти, а капацитетот на моргата која ја имаат за сместување на починати пациенти е за четворица. Заради динамиката на подигање на телата, секако сѐ во рамки со законските протоколи после колку време може да бидат подигнати телата, има недостиг од простор. На директорката ѝ е наложено да обезбеди адекватна просторија или проширување на моргата која ќе одговори на потребите. Во однос на изолираноста на пацинетите со паравани, тие се веќе поставени и се задоволени основните критериуми почитувајќи ги правата за приватност од Закон за права на пацинети”, изјави Бухова.
Вонредниот надзор на ДСЗИ во Килиничката болница во Битола ги опфати и санитарно хигиенските услови, а по реакците за состојбата на санитарен јазол. ДСЗИ, појасни Бухова, уште минатата година има издадено решение за забрана за употреба на тој санитарен јазол, а со решение е наложена негова реконструкција.
„Тој дел од болницата пред почетокот на пандемиските услови беше планиран за комплетно реновирање и пренаменување во геријатриски центар, но заради напливот на пациенти и овој дел од болницата е отворен за употреба, освен санитарниот јазол. Во моментов е издадено решение по кое директорката веднаш постапува за санирање“, рече Бухова, одговарајќи на новинарски прашања по средбата на инспкеторите од ДСЗИ со вицепремиерот Љупчо Николовски.