Повеќе од 20 деца се примени во болниците во Њујорк со мистериозни симптоми на болест кои и на докторите не им се целосно јасни, а се поврзани со новиот коронавирус.
Како што пренесува „Њујорк Тајмс“, четири од тие деца биле позитивни на коронавирусот, а слични случаи биле забележани и во Бостон и Филаделфија.
Децата го развиле реткиот „Кавасаки синдром“ кој се манифестира со воспаление на артериите или ретка, но сериозна бактериска инфекција, соопшти комесарката за здравство на Њујорк, Огриз Барбо.
Според нејзините зборови, доколку сето ова се открие рано, обично нема долгорочни последици, но во спротивно болеста може и зад себе да остави сериозни последици кои најчесто се поврзани со веќе постоечки срцеви проблеми.
„Четири деца се позитивни на Ковид-19. Единаесет се негативни, но шест се позитивни на антителата. Пет деца докторите мораа да ги приклучат на респираторни машини, но сега сите се добро“, изјави Барбо.
Докторите и во европските земји исто така документирале симптоми на „Кавасаки синдромот“ кај одредени пациенти.
„Се уште не сме сигурни какви заклучоци треба да бидат изнесени. И натаму секој ден учиме како се однесува Ковид-19, не само од гледна точка на јавното здравје, туку и од клинички аспект“, изјави градскиот комесар за здравство.
Симптомите кои треба да се следат вклучуваат висока температура која трае неколку дена, црвенило во очите, болки во стомакот, отекување на шаките и стапалата, како и појава на интензивно црвена боја на јазикот и усните. Исто така, Барбо додаде дека меѓу симптомите се дијареја и повраќање.
Барбо вели дека овој тип на вирусот во Њујорк се однесува нешто поинаку од оној во Кина: „Затоа гледаме деца со синдром сличен на Кавасаки“.
Како што пренесува „Њујорк Тајмс“, некои доктори се сомневаат дека реакцијата на тие деца е всушност масивна и штетна реакција на имунолошкиот систем поради Ковид-19, што може да биде индикација дека опасноста од новиот коронавирус по децата е поголема од тоа што досега се мислеше.
Весникот додава дека децата биле примени во њујоршките болници во текот на изминатите неколку дена, но градските власти дури сега тоа јавно го соопштиле.