Во „ОХИС“ уште има токсичен отпад, Владата најави дислоцирање

1306

Премиерот Зоран Заев во име на Владата го потпиша меморандумот за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора.

Имплементацијата на проектот, како што соопштија од Владата, има за цел создавање на заеднички Фонд, како системски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со Европските стандарди, хармонизација во полето на заштита на животната средина и промоцијата на Град Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град.

„Веќе е познато дека одредена количина од овој опасен пестицид со години е затрупан во кругот на фабриката и претставува закана за животната средина. Република Македонија, со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004-тата година, во којашто линданот како токсична материја е додаден во 2009-та година, e обврзана да го реши овој проблем. И затоа час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици врз околината и врз граѓаните“, истакна премиерот Заев.

Потенцирајќи дека здравата и чиста животна околина се едни од основните предуслови за квалитетен живот на сите, премиерот Заев истакна дека Владата и сите други надлежни институции се определени да создадат средина во којашто граѓаните ќе живеат без да се грижат каков воздух дишат или што се крие под земјата којашто ја газат.

Процесот за конечно решавање на проблемот со илјадниците тони отпад од опасниот пестицид линдан во поранешната фабрика Охис, ќе го води Генералниот секретаријат на Владата. Според, Генералниот секретар, Драги Рашковски, можни се три решенија за трајно решавање на проблемот со линдан во поранешната фабрика Охис, за чија реализација ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра.

„Во зависност од собраните средства ќе зависи изборот на методот кој ќе го користиме за уништување на отпадот од опасниот пестицид линдан. Сакам да истакнам дека истовремено ќе се чистат двете депонии во поранешната фабрика „Охис“ и очекуваме дека тој процес ќе трае од 3 до 5 години“, истакна Рашковски.

Амбасадорот на Кралството Норвешка за Македонија, Србија и Црна Гора Арне-Санес Бјорнстад истакна дека неговата земја е задоволна што може да и помогне на Република Македонија за да ја дислоцира најцрната еколошка точка во земјата. Истакнувајќи дека безбедноста на граѓаните е на прво место, амбасадорот Бјорнстад посочи исто така овој процес дополнително ќе го олесни патот на Република Македонија во Европската Унија.

На денешното потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владите на Република Македонија и на Норвешка, како и со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS, присуствуваа и амбасадорите на неколку Европски земји, потоа Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, како и претставници на организациите на Обединетите Нации присутни во земјава.