Во Скопје шолја кафе од 10 денари ја плаќаме 100 – колку заработуваат кафулињата од секој пијалак?

873

Леден чај, ладно макијато, нес-кафе, пиво, џус. Ова се некои од најбараните пијалаци во кафулињата во летниот период. А кога е топло, се пие повеќе, но се трошат и повеќе пари. Сте се запрашале ли колку заработуваат кафулињата од секој пијалак?

Еден од производите со најголема заработка е чајот. Кај чајот маржата е 80 проценти. Сепак, зависи и од тоа што послужувате со чајот. Ако е леден, дали ставате некое овошје заедно со него или, пак, кога времето е студено, дали послужувате мед или некое мало колаче, затоа што и тоа се трошоци за угостителот – вели еден скопски угостител.

Вода

Набавните цени на малите шишиња вода почнуваат од 10 денари и се движат до 20 денари, во зависност од марката, а ако седнете во кафуле и порачате вода, во главниот град тоа може да ве чини од 40 до 60 денари. Оттука заработката кај овој пијалак е најмалку двојно од набавната цена, а може да биде и 5-6 пати поголема.

Кафе

Кај кафето има заработка, но треба да ги имате предвид и трошоци, настрана од она што се става за да се направи кафе. Тоа се трошоците за струја, која е поскапа оти е индустриска. Инаку, еден килограм еспресо кафе на големо се продава од 450 до 1.800 денари, во зависност од видот и марката. Од една ќеса се прават 100-130 кафиња. Така што, во просек, една шоља еспресо кафеанџиите ги чини околу 10 денари.

Пивото и соковите

Познавачите на трговијата со пиво, набавните цени од домашните производители се различни во зависност од тоа дали кафулето има специјален договор со дистрибутерот на таа марка.

Ако имаат договор за ексклузивитет, а тоа значи да го продава само тоа пиво, тогаш набавната цена на стаклено шише од половина литар е од 20 до 25 денари. Тоа значи дека кафеаната го продава само тоа пиво, а од производителот добива фрижидери, чадори и друг вид инвентар. Но, за кафулињата кои немаат таков договор, набавните цени на пивото се речиси исти како и во малопродажба во маркет .

Имајќи ги предвид цените на пивата во кафуле, заработките се движат од 30 денари нагоре. Или се најмалку 100 проценти поголеми од набавниот трошок.

Кај газираните сокови набавните цени почнуваат од 25 денари и одат до 28 денари, па заработката е најмалку двојно поголема од набавната цена, а многу често се случува да биде тројно поголема.

Убави маржи угостителите вадат од природните сокови спакувани во мали стаклени шишенца, од разни производители. Нивните набавни цени се движат од 35 до 47 денари, а цените во објектите се од 100 до 120 денари за шишенце.

Алкохолни пијалаци

Кај најскапиот пијалак, вискито „џони вокер“, набавна цена за една доза- чаша е 40 денари, а во Скопје во кафулињата и во клубовите се продава од 150 до 200 денари .