Србија од почетокот на имунизацијата на 24 декември до денеска вакцинира повеќе од 401.500 граѓани со вакцините против коронавирусот на „Фајзер-Бионтек“ и „Синофарм“ и вакцината „спутник 5“.
„Утре ќе добиеме уште 40.000 вакцини ‘спутник 5’, а в понеделник дополнителни 9.360 дози на ‘Фајзер’“, објави премиерката Ана Брнабиќ одговарајќи на пратенички прашања во српскиот парламент.
Таа рече дека во февруари се очекуваат вакцини против коронавирусот преку програмата „Ковакс“.
Брнабиќ изјави дека денес Србија е втора во Европа според бројот на вакцинирани граѓани на 100.000 жители по Велика Британија и седма во светот, зад САД.
Во изминатите 24 часа во Србија се потврдени 1.592 нови случаја на коронавирус, а почина 21 лице.