Полицијата во Танзанија соопштила денеска дека на 21-ви март во стампедо во текот на погребот на претседателот на таа држава, загинале 45 лица.
До стампедото дошло кога илјадници ожалостени граѓани се обиделе да дојдат на стадионот во Дар Ес Салам за да се збогуваат со својот поранешен лидер, кој одненадеж починал на 17-ти март.
“Имаше многу луѓе кои сакаа да влезат на стадионот, а некои беа нетрпеливи. Се обидоа да влезат на сила и дојде до стампедо, при што загинаа 45 лица”, рекол заповедникот на регионалната полиција Лазаро Мамбосаса за “AFP”. Додал дека загинале пет лица од исто семејство.

Претходно било јавено дека на стадионот се прегазени жена и четири деца.
Го негирал коронавирусот, се претпоставува дека починал од него.

Џон Магуфули починал на 61 година. Потпретседателката на таа држава изјавила дека починал поради срцеви проблеми во болницата Мзена во Дар Ес Салам.
Магуфули, еден од најголемите африкански скептици кога станува збор за коронавирусот, не бил виден во јавност од 27-ми февруари, кога почнале шпекулациите дека се заразил со ковид-19. Службениците на 12-ти март демантирале дека е болен и нагласиле дека Магуфули нормално продолжува со работа и дека граѓаните треба да ги игнорираат гласините.

Покојниот претседател ги осудувал мерките против ширењето на коронавирусот и вакцините ги нарекол западен заговор.
На почетокот на пандемијата Магуфули ја негирал нејзината опасност во Танзанија и ги повикувал граѓаните со молитва да се борат прототив вирусот.
Во јуни минатата година рекол дека неговата земја со божја милост го победила коронавирусот и го нагласил сомнежот во безбедноста на странските вакцини против ковид-19.