Во Свети Николе најактивна е редакцијата на овчеполе.мк, локалната самоуправа „заседава“

839

По активностите кои ги преземавме како редакција на интернет страницата ovcepole.mk за доброволно организирање на граѓани и организации кои би сакале да ѝ помогнат на заедницата во општина Свети Николе, од одговорните институции и кризниот штаб од локалната самоуправа – молк, велат активистите од Свети Николе.

Според нив, локалните власти наместо да ја прифатат помошта која беше побарана од населението и медицинскиот персонал, тие не се ни одзвале на повиците.

Од Здравствениот дом во Свети Николе побараа 25 заштитни визири, стотина скафандери, 3.000 ракавици, 1.000 маски со филтри… Од редакцијата на оваа интернет страница велат дека Кризниот штаб на општината сѐ уште нема отворено сметка за донација, ниту пак има тим за организација на донации и набавки.

„Луѓето се самоорганизират и делат платнени маски на населението за каква таква заштита, а во меѓувреме светиниколчани кои се во странство немаат каде да донираат. Ако одговорните институции не преземат нешто во најбрз можен рок, граѓаните сами ќе отварат донаторска сметка и ќе се организираат за набавка на заштитна опрема за медицинскиот персонал во градот. А ние тоа веќе го правиме“, велат членовите на овој портал.

Првата донација од маски стигна од „Боко-Текс“. Ракавици донираше „Лион“. Маските и ракавиците со помош на членовите на мото клубот во Свети Николе веќе се распределени низ градот. Влатко Спасев од Свети Николе почна сам да изработува заштитни визири за Здравствениот дом во Свети Николе. Спасев е дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, а работи како демонстратор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје.

Преку ovcepole.mk стигна и првата донациja oд македонскиот ракометен репрезентативец Кире Лазаров, кој е по потекло од Свети Николе. Со неговата донација веќе се набаавува дополнителна заштитна опрема за персоналот во Здравствениот дом.

Извидничкиот одред „Гоце Делчев“ постави штабни шатори пред Здравствениот дом, со кои би требало значително да се подобрат безбедносните протоколи, да се зголеми безбедноста на медицинскиот персонал и да се обезбеди соодветна и безбедна тријажа на пациентите. Тие сѐ уште не се во употреба.