Водач на антимакедонска навивачка група одговорен за – македонските фанови во Букурешт!?

603

Водачот на навивачката група „Шверцери“, која го подржува тимот на ФК Шкупи, Омер Буњаку, е одреден за одговорен за сите македонски навивачи на Евро 2021, на кое нашата репрезентација ќе одигра два натпревари во Букурешт и еден во Амстердам, донесе револт на социјалните мрежи.

Оваа одлука е донесена без консултација со навивачите на останатите екипи во Македонија, кои се во шок, како може ваква одговорност да му се даде на човек, кој доаѓа од една од најголемите антимакедонски навивачки групи, која неретко ја глорифицирала „Голема Албанија“ во минатото.

„Дојде време кога водачи и диригенти на навивачки групи од етничко албанско потекло, кои патем ја презираат оваа земја и имаат сепаратистички идеи и цели, да бидат одговорни во организацијата, комуникацијата и промоцијата на македонските навивачи/симпатизери, кои ќе патуваат во Букурешт на ЕВРО 2020. Да не беше смешно, ќе беше трагично“, велат од таборот на „Комити“.

Буњаку на пошироката јавност ѝ е познат по учеството во инцидентот на Кале, по што беше осуден на условна казна од седум месеци, за во 2014-та година да биде притворен за демолирање на кафуле во скопската чаршија, само зошто била пуштена македонската песна „Распукала Шар Планина“. Тој заедно со уште неколкумина од групата „Шверцери“ ги нападнале келнерите, гостите и човекот што пуштал музика, притоа правејќи голема материјална штета.

Македонија за претстојното Евро 2021 доби околу 2.000 билети, кои ќе бидат распределени преку ФФМ, а еден од тие што одредуваат кој ќе доби влезница за нашето деби на голема сцена е и Буњаку, кој со своите постапки се има докажано како човек кој има голем антагонизам кон сѐ што е македонско.