На почетокот на месецот, Бехешта Аргханд се запишала во историските книги на Авганистан.
Аргханд, водителка на авганистанската мрежа “TOLO”, во живо интервјуирала висок талибански службеник. Нивниот разговор го обиколил светот.
Два дена подоцна, Аргханд повторно испишала историја. Ја интервјуирала Малала Јусуфзаи, пакистанска активистка која преживеала талибански обид за убиство. Од “TOLO” навеле дека тоа е прв пат Јусуфзаи за биде интервјуирана на некоја авганистанска телевизија.
Кратко после тоа, Аргханд одлучила да го напушти Авганистан, повикувајќи се на опасноста со која многу новинари и обични Авганистанци се соочуваат. Во интервју за “CNN Business”, опишала како и изгледале последните две недели.
“Ја напуштив земјата бидејќи, како и милиони други, се плашам од талибанците”, рекла таа.
Сад Мохсени, сопственик на “TOLO”, вели дека случајот со Аргханд е добар показател за ситуацијата во Авганистан.
“Речиси сите наши познати репортери и новинари заминаа. Работиме напорно и се обидуваме да најдеме други луѓе. Имаме двоен предизвик бидејќи се обидуваме да пратиме луѓе надвор од земјата и истовремено ја работиме нашата работа”, рекол тој.

Аргханд има 24 години. За “CNN” рекла дека одлучила да стане новинар во средно училиште кога наставничката ја повикала да стане пред одделението и да чита вести како да спикер на телевизија.
Четири години студирала новинарство на Универзитетот во Кабул. Работела во неколку новински агенции и на радијски станици пред на почетокот на годината да оди во “TOLO News”. “Работев таму еден месец и 20 дена пред да се појават талибанците”, рекла таа.
Нејзиното интервју со талибанскиот службеник направено на 17-ти август е “прв пат во историјата на Авганистан талибански претставник да се појави во живо во ТВ студио и да седне покрај водителка”, навел Мохсени во колумна за “Washington Post”, додавајќи дека талибанците тогаш се обиделе на светот да му го покажат своето “умерено лице”.
Аргханд вели дека интервјуто и било мачно, но дека тоа го направила за Авганистанките.

“Си реков – од некого мора да почне – ако останеме дома и не одиме на работа, тие ќе кажат дека жените не сакаат да работат. На талибанецот му реков дека ние жените ги сакаме своите права, сакаме да работиме, дека сакаме да бидеме дел од општеството. Тоа е наше право”, рекла таа.
Со секој ден, се повеќе медиуми добивале закани од талибанците. Два дена по интервјуто со Јусуфзаи, Аргханд побарала нејзина помош. Мината седмица влегла во авион на катарската војска и ја напуштила земјата со неколку членови на семејството.
Вели дека се надева дека еден ден ќе се врати.
“Ако талибанците го направат тоа што ми го кажаа, тоа што го ветија, и ситуацијата се подобри, ако сум сигурна дека ќе бидам безбедна, ќе се вратам во својата земја и ќе работам за мојата земја и за мојот народ”, рекла таа.