Денеска во претпладневните часови треба да се одржи вонредна владина седница на која треба да биде одлучено дали Владата ќе предложи продолжување на вонредната состојба. Потоа ќе заседава и Советот за национална безбедност за кој од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски поврдија дека ќе се одржи денеска. На Советот ќе биде потврден или одбиен предлогот на Владата.
Од одлуката за вонредната состојба што ќе биде донесена денеска зависи и одржувањето на изборите. Иако се сметаше дека по олабавувањето на мерките вонредната состојба ќе бид еукината, сепак вчерашниот ден во кој имаше 52 нови случаи на Ковид-19 даде нов сигнал.
Вицепремиерката и потпретседателка на СДСМ, Мила Царовска, во интервју за „360 Степени“ рече дека нејзин личен став е дека со оглед на тоа што вонредната состојба значи поголема оперативност и можност за дејствување, таа теба да се продолжи.
Во однос на што ова значи за изборите, односно дека нема да можат да се одржат на 21 јуни, Царовска вели дека последните податоци од тестирањата укажуваат дека е потребно уште едно разгледување на можноста за вонредната состојба да биде продолжена на уште одреден период.