Ворен Бафет не знае каде да ги инвестира своите 89 милијарди долари

714

Четвртиот најбогат човек на светот Ворен Бафет (89) трупа пари додека се мачи да ја најде неговата следна голема зделка, во која би инвестирал дел од неговото богатство кое моментно се проценува на околу 89 милијарди долари.

Филозофијата за инвестирање на Бафет која се заснова врз купување и држење на акциите досега се покажа како една од најдобрите стратегии на сите времиња. А особено се исплатеше во изминава деценија, наведува „Форбс“. „Пророкот од Омаха“, како што е познат Бафет ја завршува годинава со богатство чија приближна вредност се проценува на 89 милијарди долари, што е за 42 милијарди повеќе во однос на 2010 година. Тоа му го донесе седмото место на листата на милијардери што оствариле најголема добивка во изминатата деценија. Неговиот капитал се зголеми и покрај тоа што од 2006 година подари акции на неговата компанија „Беркшир Хатавеј“ во вредност од 34 милијарди долари во добротворни цели.

Претседателот и извршен директор на „Беркшир Хатавеј“ ги трупа парите одбивајќи бизнис-можности за инвестирање. Бафет веќе подолго време бара голема зделка на која ќе потроши дел од 128-те милијарди долари на неговата компанија, но смета дека се е прескапо. Тој вели дека самата помисла за преземање на друга компанија прави неговото срце да „чука посилно“.

Искусниот инвеститор досега презема повеќе од 200 компании, но поминаа околу четири години од последната значајна зделка на „Беркшир Хатавеј“, односно преземањето на снабдувачот на авионски делови „Пресижн кастпартс“ за 37 милијарди долари. Долгиот период без богата инвестиција не е забавен за Бафет, а без нови аквизиции со кои би се фалел, неговите традиционални годишни писма до јавноста стануваат се пократки.