Возач на „Дурмо Турс“ најпрвин признал дека автобусот има манипулатор на брзината, а сега на ништо не се сеќава

574

Возачот на гостиварската компанија „Дурмо Турс“ кој на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје беше повикан да сведочи во врска со трагедијата од 13-ти февруари, го поби првичниот исказ.

Бесник Халили денес сведочеше во судницата на рочиштето за автобуската несреќа кај Ласкарци во која автобус на „Дурмо Турс“ излета од автопатот Скопје – Тетово и се преврти, при што загинаа 16 лица.

Халили порача дека ништо не се сеќава, иако во првичниот исказ јасно кажал дека автобусот кој излета од патот имал уред за манипулација на брзината која се покажува на тахографот. Откако изјави дека сега не се сеќава, обвинителот го прочита неговиот исказ кој го дал и се потпишал непосредно после трагичната несреќа.

„Во врска со тахографот на автобусот кој учествуваше во несреќата, сакам да кажам дека имаше уред за манипулација на тахографот. Тој уред функционираше со прекинувач. Ако го вклучиш се намалуваше брзината“, изјавил првично сведокот Халили.

Откако обвинителот го праша Халили дали го рекол ова, возачот на „Дурмо Турс“ порача дека тоа не биле негови зборови: „Не е вистина, ова не се мои зборови. Јас не сум толку интелигентен да го кажам ова“.

Со тоа, Халили кој на обвинителот јасно му објаснил дека имало копче за лажирање на брзината на автобусите на „Дурмо Турс“ и му открил каде се наоѓало копчето, сега вели дека не се сеќава дали автобусот имал таков уред. Претходно, друг возач на компанијата потврди дека кобниот автобус имал уред за манипулација на брзината.

Халили меѓу другото на обвинителот му открил дека тој лично го носел тахографот на сервисирање по наредба на шефот на возниот парк, обвинетиот Ремзи Мифтари, но сега тврди дека не се сеќава на такво нешто.

Во автобуската несреќа во близина на селото Ласкарци наа 13-ти февруари оваа година, загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени.