Сите мерки за заштита и спречување на ковид-19 беа носени наврем врз основа на анализите и беа согласно сите препораки и критериуми на Светската здравствена организација и нема мерка што не е преземена, меѓутоа овој бран дојде многу порано од очекуваното како последица на настани што точно ги идентификувавме, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Сепак тој оцени дека добро се изреагирало во овој момент.
„Ниту ние, ниту некоја друга земја во светот досега не се соочила со ваква криза и сметам дека добро изреагиравме и добро се менаџира. Вториот бран дојде порано од што очекувавме, но тоа е тренд насекаде во регионот“,
истакна Филипче.
Тој рече дека се анализирани причините зошто дојде до ова зголемување, како и тоа кои мерки и кога се воведени во нашата земја, а консултирана е и СЗО. Заклучокот е дека нема мерка што не е спроведена или нешто што е пропуштено или направено во погрешен тајминг.
„Тоа што беше невообичаено и се трудевме да го анализираме беше како кај нас имаме пораст на новодијагностицирани пациенти, а не и во околните земји, посебно имајќи ги предвид сличните карактеристики во сите земји во регионот, и истите воведени мерки во идентичен тајмин. Бевме прилично сигурни дека рано и на време сме интервенирале во идентификација на контактите и сме направиле тестирање на контактите на заболените со најголем ризик, за да не не’ изненади голем наплив на пациенти во одреден момент. Она што сега го имаме не надминува 20 проценти од вкупниот број на новодијагностицирани“, појасни Филипче
појасни Филипче.
Според Филипче, веќе истиот тренд се јавува и во регионот, го има насекаде во сите околни земји веќе со сериозен број новодијагностицирани.
Најави интензивно анкетирање на терен, идентификацијата на контактите и нивно тестирање по индикација.