Вучиќ доби покана за свадбата на Шредер

961

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доби покана од поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да му биде почесен гостин на свадбата, која по венчавката со Корејката Сојеон Ким, ја приредува на 5 октомври во Берлин.

На свадбата на поранешниот германски канцелар, а сега бизнис-консултант и член на Управниот одбор на Руската енергетска компанија “Роснефт”,  според германскиот печат ќе присуствуваат и други ВИП-гости, како и голем број политичари од различни делови на светот, според “Танјуг”.

Поканата упатена до српскиот претседател не изненадува, имајќи предвид дека Шредер негува долгогодишно пријателство со Вучиќ, кого во неколку наврати го поддржа доаѓајќи во Белград, а и во изборните кампањи.

Шредер, инаку, на 2 мај се ожени со својата долгогодишна пријателка Сојеон Ким во Сеул. За Шредер ова е петти брак, а втор за неговата 25 години помлада сопруга, која е преведувач.

Свадбата, како што е најавено, ќе биде организирана за семејството и пријателите во елитниот хотел “Адлон” во близина на Бранденбуршката порта, а меѓу гостите, според шпекулациите на германските медиуми, може да се најде и Путин, кој сега, по свадбата на австриската министерка, е веќе „искусен” меѓународен гостин. Од Кремљ известуваат дека рускиот шеф на државата за сега нема такви планови.