Вујо: Тимот одигра без сила и мотив, Талески уназадуваше, на Македонија ѝ фалат

884

Денес Македонија го заврши настапот на Светското првенство во Египет. Истиот не го планираше, па замина на турнирот за да запише пет порази и да го победи само против тоталниот аутсајдер Чиле.

Веселин Вујовиќ ја анализираше целата ситуација околу македонската репрезентација во интервју со „Balkan-Handball“.

„Можеби не очекуваа да бидат на Мундијалот, но барем можеа да одиграат два меча, а остатокот можеа да кажат дека немаа сили. Тие немаа сила и мотив од самиот почеток. Сега ќе мора да направат подлабока анализа и стратегија. Се очекува наскоро Кире да престане да игра. Што после него? Се однесуваат како да доаѓа вистински потоп. Не треба така да се однесуваат. Не го искористија моментот на еуфорија со репрезентацијата и титулите на Вардар, без оглед на странците. Мораше да се искористи тој период, барем 300-500 деца да започнат да се занимаваат со ракомет“ , рече Црногорецот.

Популарниот Вујо е добро познат кај македонските фанови, со оглед на тоа што долго време беше дел од ракометот во нашата држава. Во однос на политиката која треба да се имплементира тој изјави:

„Клупскиот тренер секогаш мисли на странските засилувања, бидејќи резултатот му е во прв план. На селекторот му е спротивно, важни му се настапите на домашните ракометари. Тоа требаше да бидат Кузмановски и Талески. Тие заминаа во топ-клубови, но таму не напредуваа. Дури ми се чини дека Талески назадуваше. Не можам да го препознаам. Тој не шутира, не игра одбрана, прави глупости, технички грешки… Го разбирам селекторот што постојано го менува“.

На крај кажа неколку збора за типот на играчи кои ѝ се потребни на нашата селекција во наредниот период, за да се врати на победничките патеки од изминатиот период.

„Кузмановски се одвои како светла точка во тимот. Сепак, мислам дека на Македонија ѝ фалат играчи како Велко Маркоски и Јоновски, кои ја држеа одбраната и имаа срце како автобус. Мораат да најдат кружни напаѓачи од два метри кои играат во два правци. Пешевски и Стоилов немаат сила да се вратат во одбрана со посериозни репрезентации“ , заврши црногорскиот стручњак.

Подмладената Македонија одигра разочарувачки Мундијал на кој не покажа дека имаме светла иднина, кога Лазаров ќе замине во пензија.