Авион од типот „Ф-35А“ на американското воено воздухопловство се сруши во вторникот навечер при слетување во воената база Еглин, пренесува “CBS”.
Пилотот успешно се катапултирал пред падот на авионот и поминал без поголеми повреди. Падот на авионот доаѓа само неколку дена подоцна откако уште еден борбен авион се сруши во близина на истата база.
Авионот кој бил дел од 58-ма борбена ескадрила се срушил при рутински ноќен лет во базата сместена источно од градот Пенсакола во американската сојузна држава Флорида. Никој не бил повреден при падот на авионот, а на тлото нема повредени, ниту пак е причинета материјална штета.
Инцидентот се случи откако кон крајот на минатата седмица за време на рутински тренинг се сруши борбен авион од типот „Ф-22“. И во тој случај пилотот успеа да се спаси со катапултирање, но рушењето на двата најмодерни борбени авиони на американското воено воздухопловство во така краток период отвори многу сомнежи.
Авионот бил дел од 325-та воздухопловна единица во базата Еглин. Авионот се наоѓал на 20-тина километри североисточно од базата кога се срушил.
Инаку, авионите „Ф-35А“ и „Ф-22 Раптор“ се стелт борбени авиони од петта генерација кои се сметаат за најмодерни на светот.