Зад познатата будванска „Балерина“ се крие трагична приказна која малкумина ја знаат

599

Не постои турист кој ја посетил Будва, а не се фотографирал покрај „Балерината“, скулптура која веќе со децении стои на почетокот на плажата Могрен.

Прочепкајте по сеќавањата и старите албуми за фотографии и ви гарантираме дека ќе ја пронајдете барем на една од нив.

Скулптурата која стана симбол на Будва е всушност дело на белградскиот вајар Градимир Алексиќ и на тоа место се наоѓа од 1965 година. Модел за скулптурата била новосаѓанката Олга Каливода, атлетичарка и член на новосадскиот Атлетски клуб „Војводина“ која во тој момент имала само 14 години.

Интересен е и податокот дека уметникот во текот на изработката направил неколку примероци од скулптурата, па „Балерината“ или „Танчерката“ едно време била изложена и во Пионерскиот парк во Белград, а можела да се види и во уште некои градови од поранешна Југославија.

Сепак, будванската „Балерина“ останала најпозната, а за тоа придонела локалната легенда.

Имено, инспирација за скулптурата на Алексиќ наводно била приказната за девојка која била танчерка и морнар од крајот кои многу се сакале, но немале пари да започнат заеднички живот. За таа цел, тој отпловил на далечен пат кој требало да му донесе многу пари, а девојката ветила дека ќе го чека.

И, таа останала верна на ветувањето – секој ден излегувала на карпа на брегот од која најдобро се гледал хоризонтот и чекала да се појави брод со кој нејзиниот драг ќе се врати.

Но, тоа никогаш не се случило и во Будва никој никогаш не слушнал ни збор за тоа што се случило со храбриот морнар. Неговата љубена го чекала со години се додека едно утро мештаните не ја затекнале мртва на брегот, токму на карпата на која денес се наоѓа статуата.