Грција е еден од најпосветените наши пријатели за нашата ЕУ перспектива, истакнува претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев во интервју за МИА и открива дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис развил неколку позитивни идеи, кои би можеле да помогнат за тргање на бугарската блокада.
Вчера, говорејќи на Делфи економски форум, Заев изрази оптимизам дека ќе најдеме решение со Бугарија, но додаде дека ни треба помош од Грција, а четири часа подоцна, на средбата со неговиот грчки колега, веќе добил конкретни идеи од Мицотакис.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, премиерот вели дека грчката страна покажала дополнителна креативност, „на многу пријателски начин, на многу прагматичен начин“, а за блокадата од Софија коментира дека тоа е проблем и предизвик, не само за нас, туку и за Европската Унија и за Бугарија и за Грција како земји членки.
Премиерот денеска ја завршува посетата на Атина, а освен за продлабочување на политичките односи, оствари низа средби и за продлабочување на економските врски и економската соработка.
Во видео интервјуто за МИА детално ги објаснува проектите што се во финална фаза, говори за соработките што треба да започнат, а истакнува дека и покрај пандемијата, „цела есен и зима работевме на многу проекти“.
Паралелно, открива детали, како од денеска ќе патуваме во Грција, со оглед на тоа дека рампите на граничните премини, за македонските државјани, се кренаа по 14 месеци.