Заев за дивеењето во МНТ: Вандалскиот чин е за осуда, ова не било баш културно…

723

Премиерот Зоран Заев се огласи после вчерашното скандалозно однесување на навивачката група „Шверцери“ која културната манифестација ја претвори во хаос.

Премиерот Заев ги повика организаторите на манифестацијата во Македонскиот народен театар да ја надоместат направената штета, нагласувајќи дека никој нема право да крши инвентар во државна сопственост.

„Секој вандалски чин е за осудување, тука нема дилеми. Јас бев информиран дека учествувам во првиот дел на активностите, а тоа е делот на одбележувањето на Денот на албанската азбука, без присутен таму, останав дури малку и на коктелот и заминавме. Ми кажаа дека има втор дел, за млади. Вториот дел не била толку културна манифестација. Треба да понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа”, изјави Зоран Заев.

Навивачката група „Шверцери“ влегла во петокот во МНТ да проследи документарен филм по повод нивниот 30-годишен јубилеј. Меѓутоа, откако на социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како навивачите дивеат во скапиот театар, следуваа жестоки реакции на јавноста.

Координатор на прославата бил Артан Груби од ДУИ, а Заев одби да даде одговор на прашањето дали ќе бара одговорност од пратеникот за срамното однесување на навивачите во една културна институција каква што е Македонскиот народен театар.

Директорката на МНТ, Симона Угриновска порача дека не била информирана за вториот дел од “културната” манифестација, а кога му се јавила на Груби за да побара од него посетителите да не прават штета, тој ѝ кажал дека „навивачите само си пеат“.

„Полицијата влезе внатре, но не интервенираше. Значи, тоа беше маса на народ, слично како на спортски натпревар. Ќе се утврдува колку е точниот износ на направената штета. Околу објавите во одредени портали во кои се бара моја оставка, можам да кажам само дека јас не бегам од одговорност. Ако одговорноста е моја, ќе се соочам со неа“, изјави Угриновска, пренесува „Фокус“.