Загубарот „МЖ Транспорт АД-Скопје“ купи нов автомобил. Дел од возниот парк на фирмата освен прастари локомотиви и вагони, од сега е и луксузен „Форд Мондео Титаниум“, јави ТВ „Алсат.“
Договорот за автомобилот е склучен на 22 април и е во вредност од 1 879.740 денари, а на јавниот повик се пријавила само една компанија.
Според спецификациите на автомобилот, тој може да препознава замор кај возачот, да предупреди кога ќе се напушти коловозната лента, стартува без клуч, но и може сам да се паркира. Автомобилот има две илјади кубни сантиметри и минимум 147 коњски сили и ТДИ мотор.
Како што посочува „Алсат“, загубите во железничкиот транспорт во земјава достигнаа 8,3 милиони евра. Во превозот на патници, загубите на Железница само за лани се 700 илјади евра, додека во транспорт на стоки 2,3 милиони евра. Железници пред три години доби позајмици од државните МЕПСО и ЕЛЕМ за исплата на плати и е едно од претпријатијата за кое премиерот Зоран Заев најави дека може да се приватизира.