Захариева: Славењето на Тито од Шилегов е исто како градоначалникот на Берлин да го слави Хитлер

563

Во интервју за „Велт“, таа негира дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и ги толкува ваквите обвинувања како обид „да се портретира Бугарија како земја која остана во не знам кој век“

Северна Македонија ја политизира работата на мешовитата историска комисија, ги блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата, лаже дека Бугарија ѝ го негира идентитетот и јазикот, и го слави „мрачниот“ диктатор Тито, обвинува бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за германскиот весник „Велт“, пренесува „Дојче веле“.

Таа во интервјуто го споредува Јосип Броз Тито со Адолф Хитлер. Зборувајќи дека во периодот од 1 септември до 20 ноември биле избројани 13 699 негативни објави за Бугарија, таа ја прави оваа споредба, велејќи дека тоа што Петре Шилегов го слави Тито е исто како и градоначалникот на Берлин да го слави Хитлер.

„Тоа покажува недостаток на плурализам. Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесет годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“, вели Захариева.

Таа негира дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и ги толкува ваквите обвинувања како обид „да се портретира Бугарија како земја која остана во не знам кој век“.

„Најтешка тема се неточните обвинувања што се слушаат подолго време дека им го негираме правото на самоопределување на Македонците. Или правото да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат. Но, земјите не признаваат јазици или нации, туку само други држави“,

вели Захариева.

На прашањето, пак, дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева одговара со цитат од францускиот претседател: „Квалитетот е поважен од брзината на процесот“.

Во интервјуто за „Велт“, кое го пренесува „Дојче веле“, Захариева зборува и за историската комисија, за инфраструктурните проекти, а ја отвора и темата со пасошите велејќи дека за 10 години 88 450 граѓани добиле бугарско државјанство врз основа на нивното потекло, но оти денес секој што во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени е дискриминиран.