Закроено лозјето кај црквата „Св.Трифун“ во Ѓорче Петров

120

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски заедно со градоначалниците на општините Кисела Вода и Бутел, Орце Ѓорѓиевски и Дарко Костовски, како и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска присуствуваа на вековната македонска традиција на закројување на лозјето кај црквата „Св. Трифун“ во селото Кучково.

Во утринските часови, пред чинот на закројување, беше одржана традиционална литургија во црквата „Св. Трифун“.

-Овој црковен празник е светлост и радост за сите нас, особено за лозарите, кои со верба и посветеност се грижат за својот труд. Овој ден не само што ја одбележува средината на зимата, туку означува и ран почеток на новата пролетна сезона, која носи нови надежи и прилики. Верувањето е дека Свети Трифун ја благословува работата на нивните раце, ги штити лозјата од болести и ги води кон бериќетна година – рече градоначалникот Стојкоски.

Како што вели црквата, Св.Трифун не е само заштитник на лозјата, туку и пример на христијанска љубов.

-Тој ни покажува како со труд, верба и молитва, можеме да се надеваме на плодови, не само во земјата, туку и во нашите срца. Денес, поминувајќи го денот заедно со нашите сограѓани, соседи и пријатели, почувствувавме дека заедничкиот труд и љубовта кон традицијата го засилуваат духот на заедницата. Нека овој ден донесе бериќет и просперитет, а светото благословение на Св.Трифун нека ни биде патоказ во сите наши дела и одлуки. За многу години, за многу плодни и бериќетни денови – додаде Стојкоски.