Во клон на градинката „Детска радост“ во Струмица вчера беше потврден прв позитивен случај на ковид-19 кај петгодишно дете, а во градинката се преземаат сите мерки за заштита на децата кои биле во контакт со заразениот.
– Во текот на вчерашниот ден добивме известување од родител на дете на возраст од 5 години кое престојува во еден од објектите на детската градинка, дека во нивното потесно семејство имаат лице позитивно на ковид-19 и дека во текот на денот цело семејство ќе биде тестирано како случаи сомнителни на ковид -19. По добиената информација одговорното лице за постапување во нашата градинка веднаш стапи во контакт со службата на ЦЈЗ Струмица и постапи согласно Алгоритамот за постапување во градинките во случај на појава на дете со симптоми, сомнително/ позитивно на ковид-19. Во текот на денешниот ден ја добивме информацијата од ЦЈЗ дека детето е позитивно на ковид-19, согласно Алгоритамот за постапување ги преземавме сите мерки и ги обезбедивме податоците за останатите дечиња – вели Васил Бубев, директор на ЈОУДГ „Детска радост“ Струмица.
Бубев додава дека набргу по ова е извршена дополнителна дезинфекција во градинката, како и тоа дека 11 дечиња се ставени во изолација.
– На увид пристигна епидемиолошката служба на ЦЈЗ, која утврди дека во градинката се почитуваат сите мерки и препораки согласно Протоколот за работа и даде насоки за изолација на 11 дечиња кои престојуваа заедно со детето позитивно на ковид-19, изолација на воспитно- негувателскиот кадар од групата и вонредна дезинфекција која се изврши веднаш по заминување на дечињата од групата – додава Бубев.
Како што потврди директорот, петгодишното дете градинката ја посетувало само три дена.
– Детето ја посетувало нашата градинка во деновите среда, четврток и петок, а од понеделник не било носено на градинка. Согласно констатацијата на епидемиолог, детето е заразено во контакт со позитивен на Ковид-19 член на фамилијата – заврши Бубев.