Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјавил денес дека масовното пукање во две новозеландски џамии во кои загинале 50 луѓе било дел од поширок напад на Турција и се заканил дека ќе ги врати назад во сандак сите кои ќе се обидат да го заземат Истанбул.
Ердоган, кој настојува да обезбеди поддршка за својата исламистички ориентирана АК партија на локалните избори на 31-ви март, тврди дека нападот на Нов Зеланд е доказ за глобалниот анти-муслимански сентимент.
“Не тестираат од далечина од 16.500 километри, од Нов Зеланд, со пораки кои ги праќаат од таму. Ова не е индивидуален чин, ова е организирано”, рекол Ердоган без понатамошно објаснување.
Тој рекол дека вооружениот напаѓач им се заканил на Турција и претседателот лично, и дека сакал да ги истера Турците од европскиот дел на Турција.
Тука сме веќе илјадници години и ќе бидеме тука до апокалипсата, ако дада Бог – рекол Ердоган на собирот по повод битката на Галиполи во 1915-та година, кога османлиските војници ги победиле силите под водство на Британците, вклучувајќи ги австралиските и новозеландските трупи кои се обиделе да го заземат полуостровот, капијата до Истанбул.
“Нема да го претворите Истанбул во Константинопол”, се заканил Ердоган, алудирајќи на грчкото име кое градот го носел додека Турците не го освоиле во 1453-та година.
“Вашите дедовци дошле тука…и се вратиле во сандаци. Немојте да се сомневате дека истото ќе ви се случи и вам”, порачал турскиот претседател.
Висок турски безбедносен извор рекол дека Тарант влегол во Турција два пати во 2016-та година. Турските власти почнале да истражуваат се од хотелски податоци до снимки од камери, обидувајќи се да ја откријат причината за оваа посета, рекол изворот.
Австралиецот Брентон Тарант, обвинет за пукањето во петокот во кое загинале 50 луѓе во џамии во градот Крајстчрч на Нов Зеланд, во својот манифест навел листа на непријатели од висок ранг, вклучувајќи ја германската канцеларка Ангела Меркел, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и градоначалникот на Лондон, Садик Кан.
Опишувајќи го турскиот претседател Ердоган, Тарант навел дека е “лидер на најголемата исламска група внатре во Европа”, и дека е потребно да биде отстранет.