Затишје пред бура: Опозиционерот ги повика граѓаните на најголемиот протест во историјата на Венецуела

836

Венецуеланскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо ги повика граѓаните на најголемиот протест во историјата на Венецуела, иако можеби изборот на датумот и не е баш идеален.

Опозицискиот лидер и самопрогласен привремен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо ги повика сите свои поддржувачи да излезат на „најголемиот протест во историјата на Венецуела“ кој го најави за 1-ви мај.

Секако, целта на опозициските протести во Венецуела имаат една цел – да го срушат од власт актуелниот претседател Николас Мадуро.

„Ќе мора да го послуша народот кој порачува – Доста е!“, порача Хуан Гуаидо за време на неговиот последен говор на плоштад во источниот дел на венецуеланскиот главен град Каракас.

Сепак, според аналитичарите, изборот на датумот и не е баш најдобар, затоа што 1-ви мај е Ден на трудот, односно во Венецуела традиционално социјалистички ден, па венецуеланските власти ќе настојуваат максимално да ги ангажираат своите поддржувачи истиот ден.

Се чини дека главниот дуел помеѓу Гуаидо и Мадуро ќе биде во тоа кој може да изнесе повеќе луѓе на улиците, па затоа ситуацијата е крајно сериозна затоа што една најмала провокација може да прерасне во крвава граѓанска војна.