Затворска казна од 4 месеци за Бугаринот кој објави недолични коментари за автобуската несреќа на „Беса Транс“

721

Окружниот суд во Софија денеска го осуди 34-годишниот С.Б. на 4 месеци условна затворска казна поради говор на омраза упатен кон „македонската народност и етничка припадност кон македонскиот народ“ објавувајќи и фотографија од запалениот автобус на автопатот Струма, во група на социјалните мрежи, соопштија од бугарското обвинителство.

„На 23.11.2021 година околу 11:00 часот во канцеларија во Софија, пријавениот С.Б. ширел омраза кон македонската националност и етничка припадност на македонскиот етнос преку објава во група на социјална мрежа. Кон текстот на објавата обвинетиот додал фотографија од запалениот автобус од трагичната несреќа на автопатот Струма“, гласи соопштението од обвинителството.

Оттаму наведуваат дека за предметот е поведена предистражна постапка за кривично дело од чл. 162, став 1 од Кривичниот законик, пренесува „Слободен печат“.

„С.Б. не бил осудуван. Обвинетиот ја признал вината и по договор одобрен од Окружниот суд во Софија наложено му е „лишување од слобода“ во времетраење од 4 месеци, а издржувањето на затворската казна му е одложено за период од 3 години“.

Договорот има сила на ефективна казна и не е предмет на жалба, соопшти Обвинителството.

По несреќата на автопатот Струма во која загинаа 45 македонски државјани, на социјалните мрежи во Бугарија се појавија објави со говор на омраза кон жртвите во несреќата, но бугарската полиција и обвинителството брзо реагираа и ги процесуираа случаите.